| СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИТЕ - 17.12.2007 ГРУПА СЕКСУАЛНИ РАБОТНИЦИ ЗА ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНИЈА ДЕНЕС ГО ОДБЕЛЕЖАА 17 ти ДЕКЕМВРИ, МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ Тепање, силување, навреди, корупција, полициско злоставување – сексуалните работници се често изложени на ваков тип насилство, а стигматизацијата на сексуалните работници од општеството и властите води до тоа да таквото насилство и криминал се сметаат за нормални, и се составен дел од работата и животот на сексуалниот работник. За прв пат оваа година и во Македонија, група сексуални работници поддржани од здружението на граѓани ХОПС - Опции за здрав живот, го одбележаа Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници. Одбележувањето започна со собирање на потписи за петиција со апел `Права, а не насилство` со која се бараше насилството против сексуалните работници да биде препознато и санкционирано како кривично дело и сите сексуални работници, како и сите останати, да бидат подеднакво заштитени од државата. Потписите за петицијата беа собирани од 1ви Декември, Светски ден за борба против СИДА до 10ти декември, Меѓународен ден за борба за човекови права, со што се укажа на поврзаноста помеѓу човековите права и ширењето на ХИВ/СИДА. Во Македонија потписи се собираа во Скопје, Охрид, Гостивар, Куманово, Кавадарци, Струмица и Штип. Својата поддршка ја дадоа 1590 граѓани . На 17ти Декември, петицијата беше предадена во Одделението за насилен криминал при МВР со цел започнување соработка во заедничката борба против насилството врз сексуалните работници и негово санкционирање како кривично дело. На 17ти Декември група сексуални работници и нивни подржувачи и пријатели излегоа на Главниот Плоштад во Скопје и симболично ги отворија црвените чадори во знак на спротивставување на дискриминацијата и насилството врз сексуалните работници. Црвениот Чадор е глобален симбол на правата на сексуалните работници. Црвената е боја на убавината, а Чадорот е симбол на одбраната од нападите кои доаѓаат од `небото` и луѓето. Тоа ги симболизира заштитата на сексуалните работници од злоупотребата од страна на клиентите, макроата, полицијата и игнорантското и полно со предрасуди општество. На 17ти Декември, сексуалните работници преку дистрибуција на постери и електронски картички ја испратија својата порака :" СЕКСУАЛНАТА РАБОТА Е РАБОТА", "НАШИ ТЕЛА, НАШ ИЗБОР` и `ПРАВА, А НЕ НАСИЛСТВО !".
On 17th December, sex workers, via distribution of posters and e-cards
sent their message "SEX WORK IS A WORK, TOO", "OUR BODIES,
OUR CHOICE` and `RIGHTS, NOT VIOLENCE!" |
|