Четврта транс личност убиена во Турција

​Алев  е транс жена која е прободена во срцето од страна на наводен “клиент“, на 2.10.2015 во Истанбул, на улицата Авкилар каде и работела. Алев е мајка на едно дете и работела како сексуална работничка. Нејзиниот живот е одземен после трансфобен напад во Хармидер. Убиецот сеуште не е фатен од страна на полицијата. Во полициската станица биле повикани неколку пријатели на Алев за расчистување на случајот. Транс активисти од Истанбул, исто така присуствувале во полициската станица за да се спречи евентуалнo лошо постапување од страна на полицајците кон пријателите на Алев.

Улицата Авкилар била под вниманието на активистите и медиумите извесно време, како резултат на кампањата на Meis Site Lynch против транссексуалните жените кои живеат таму. Многу соседи и аутсајдери често пукале со огнено оружје кон апартманите во кои транссексуалните жени живееле во 2012 година. Судскиот процес за тоа сеуште не е завршен.

Средби и учење

Од 25 до 27 ноември 2015 година во Виена, Австрија, се одржа првата средба од меѓународниот проект „Средби и учење“ (Meet & Learn Project). На средбата беа разменети искуства од спроведувањето на програмите за намалување на штети на: „Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ (Македонија), „Унгарскатата унија за граѓански слободи“ и „Фондацијата Алтернатива“ (Унгарија), „АРАС“ и „Карусел“ (Романија), „Одисеј“ и „Сторм“ (Словачка) и „САНАНИМ“ и „Сполечност Подане руце“ (Чешка).

Сите учесници ги претставија најспецифичните искуства од сопственото дејствување што беше придружено со дискусија за можно унапредување на постоечките активности. Дејноста на ХОПС беше претставена преку искуствата од проектот „Мониторинг и застапување од/во заедницата“.

Кампања: „Локална самоуправа за универзални вредности - Повик за свесна локална акција“

По повод Светскиот ден на СИДА-та, на 1 декември, „ХОПС“ - Опции за здрав живот Скопје, заедно со своите локални партнери „ХЕЛП“ -  Гостивар, „ЦРУЈЖ“- Тетово, „Пулс" – Куманово, ја започнува кампањата „Локална самоуправа за универзални вредности – Повик за свесна локална акција за стратешка поддршка на одржливи механизми и програми за превенција на ХИВ и употреба на дроги“. За таа цел денес, на 1.12.2015 година, со почеток во 11 часот во малата конференциска сала во зградата на Општина Тетово, се одржа прес конференција. На прес конференцијата се обратија претставници од „ХОПС“, „ЦРУЈЖ“ - Тетово и г-дин Ахмед Ќазими Раководител на Сектор за јавни дејности (СЈД), кој зборуваше во име на Градоначалничката, Г-ѓа Теута Арифи и општина Тетово. Во рамките на овој настан се потпиша Меморандум за соработка  со кој ќе се регулира понатамошната работа на полето на ХИВ превенцијата преку изготвување, усвојување и спроведување на локална стратегија за превенција на ХИВ (2016 – 2020).

25-ти ноември „Меѓународен ден за борба против насилството врз жените“

25 -ти ноември е Интернационален ден за борба против насилство врз жените. По повод овој ден во Македонија ќе спроведе 16-дневна кампања ‪#‎СтавиТочка‬ на насилството врз жените и ‪#‎16денаАктивизам‬ чија цел е запирање на кршењето на правата на жените. Портокаловата боја е одбрана како симбол на светла иднина без насилство врз жените. Проценката е дека најмалку една од три жени или девојки во светот е жртва на насилство.

  • Насилството врз жените е последица на дискриминација на жените, во законот и во праксa и на постојанaта нееднаквост помеѓу мажите и жените.
  • Насилството врз жените влијае и гo попречува напредокот во многу области, вклучувајќи ги и искоренување на сиромаштијата, борбата против ХИВ/СИДА, мирот и безбедноста.
  • Насилството врз жените и девојките не е неизбежно. Превенцијата е возможна и битна.
  • Насилството врз жените и понатаму е глобална пандемија.

Програма за намалување на штети на Одисеј во Словачка

​Невладината организација Одисејод Братислава, Словачка, води програма за намалување на штети во Братислава веќе 17 години. Таа е една од четирите невладини организациии кои спроведуваат вакви проекти. Секоја година Одисеј работи со околу 1000 корисници на дрога и секс работници/-чки и дистрибуира преку 140 000 стерилни шприцеви, а собираат преку 100 000 употребени.

Невладините организации кои што работат со програми за намалување на штети, се соочуват со константниот недостиг на средства и политичка волја. И после многу години постоење на програмите за намалување на штети често во јавноста овие програми се прецепираат како “промоција за употреба на дроги“воедно таа перцепција е проблем за државата и нејзините институции да почнат да помагаат во финансирањата.

Формално и неформално образование за работа со маргинализирани заедници

„Целта на едукацијата е да го замени празниот ум со отворен.“ – Малколм Форбс

„Образование е она што ќе опстане кога наученото ќе се заборави.“ – Б. Ф. Скинер

Советот на Европа го дефинира неформалното образование во корелација со традиционалните форми на едукација, споменувајќи дека треба да е поставено надвор од формалното и да го дополнува, како и да биде дизајнирано да подобрува широк спектар на вештини и на компетенции кај младите луѓе. Причината зошто се дава големо значење на неформалното образование е признанието дека формалното образование не успева целосно да ги задоволи потребите за личен и за професионален развој на младите. Неформалното образование придонесува во процесот на доживотно учење и развивање на човечкиот капитал. Како концепт неформалното образование за првпат се појавува во 80-тите години на минатиот век кога е забележано дека формалното образование не води кон развој на општеството и не може да одговори на потребите за развој на пазарот на трудот. Неформалното образование нуди широк спектар на можности. Од учење за развој на лични и на животни вештини, и способности, до развој на специфични професионални вештини и знаења.

Кога станува збор за неформално образование за работа со маргинализираните заедници се зборува за образование на маргините. Како што најчесто маргинализираните заедници се исклучени од општеството, така во формалниот процес на образование се исклучени и темите за работа со нив, за нивните права, за политиките што се креираат за нив итн.

Заокружи 20

Заокружи20… бидејќи сега има што да заокружиш ако си бил/а дискриминиран/а поради твојата сексуална ориентација.

На 18ти ноември, Х.Е.Р.А и Коалицијата „СЗПМЗ“ започнаа онлајн кампања „Заокружи 20“ на социјалните мрежи за промоција на Протоколот за утврдување на постапката за постапување во случаи за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. „Заокружи 20“ има за цел да ги информира пред сè припадниците на ЛГБТИ заедницата, но и сите граѓани на Македонија за постоењето на овој важен документ, и да ги охрабри да пријавуваат дискриминација преку оваа алатка која може да помогне во справувањето со секојдневната дискриминација на голем број наши граѓани и граѓанки.

SEX SHOP

На (12.11) во 20 ч. во отвореното графичко студио на Музеј на Град Скопје се одржа изложбата „SEX SHOP“ на уметницата Симона Манчева која е воедно поддржувач и на правата на сексуалните работници/-чки и Дарко Алексовски, соработник. Симона и Дарко се обидуваат да ја намалат стигмата во нашето општество, за користењето на секс играчките во нашиот секојдневен живот.

Од каде интерес за изложба на тема која сеуште е табу во Македонија?

Симона: Идејата за оваа изложба се јави токму од тоа табу, од  потребата на луѓето да се запознаат со сексуалните реквизити на неутрален терен и да се ослободат од предрасудите. Додека истражував дознав дека голем број познаници никогаш не влегле во секс шоп или пак не влегле во Мк, некои пак се исмејуваат со сексуалните работници/-чки или пак со потребите на луѓето.

Дарко: Нашиот интерес како млади уметници секогаш се менува, но уште во текот на школувањето, имавме можност да работиме со професори кои ја потенцираа љубопитноста во уметноста и колку таа е важна во развивањето на уметничките интереси. Од оваа љубопитност не изостануваше и интересот за општествените прашања и проблеми, она со кое ние како млади луѓе се соочуваме, но секако погледнато преку уметничка перспектива и што ние како уметници можеме да придонесеме за поголема информираност и откривање на сите аспекти на општеството. Оваа тема секако спаѓа во една категорија за која ретко се зборува јавно, па Симона како автор и јас како соработник на проектот, решивме да прозборуваме за неа на еден поинаков начин.

Ден во ХОПС

06:30 часот, будење

Ново утро – нов ден. Одиме на терен. Повторно, како и секој друг работен ден, почнуваме пред Кисела Вода. Добро е што синоќа порано си легнав затоа што денов ќе биде долг. Ќе ве поведам на еднодневно патување за да ви ги покажам активностите на ХОПС. Надвор е ладно, затоа облечете се добро.

Во ХОПС сум од 1997 година и навистина си ја сакам работава. Не сакам многу да зборувам за времето пред ХОПС. Само ќе кажам дека и јас, како и многу други во тоа време, прилично забегував со „хорс“ и не помислував дека од „игла“ можам да закачам СИДА или хепатит. Не помислував ни дека од моите игли може да се зарази некој друг. Постојано бев во „фрка“ да најдам „роба“ и да се боцнам без да ме фати Полиција и да не дознаат моите дома. Некаде во 1996 година постариве „џанаци“ почнаа да зборуваат за некоја организација „М.А.С.К.А.“ во која се давала чиста опрема за инјектирање, ама јас бев многу млад и не сакав да се мешам со тие „старите“. Плус не се сметав себеси за „џанак“. Не знам што точно се случило со „М.А.С.К.А.“, ама подоцна знам дека дел од членовите на таа организација во 1997 година го основале ХОПС. И тука почнува мојата приказна. Во 1997 година, некои луѓе од ХОПС дојдоа во нашето собиралиште и ни понудија бесплатни стерилни игли и шприцови. Изгледаше глупо, ама кога почнаа да зборуваат за СИДА и за хепатит, и како да се заштитам, се просветлив и сфатив дека и јас можам да придонесам за заштита на луѓето кои користат дроги, но и за заштита на здравјето на луѓето кои не користат дроги. И оттогаш сум во ХОПС. Ах, да, ќе заборавев да кажам, ХОПС работи само на територија на Скопје и околината, но беше иницијатор и помогна да се отворат слични организации во девет други градови во Македонија.

Четврт број на списанието „ДРОГИ – Политики и практики“

​Комбето на АРАС се паркира на однапред договорената локација во Букурешт. Ова здружение со средства од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија обезбедуваше набавка на игли, шприцови и кондоми за луѓето кои користат дроги. За само неколку минути околу комбето се собираат луѓе кои користат дроги. Се појавуваат две петнаесетгодишни дечиња, бремена жена, четириесетгодишен маж кој растел во детски дом во времето на Чаушеску и кој што ја имал видено својата мајка само еднаш во својот живот. Истиот избркан од институцијата за деца без родители или без родителска грижа поради користење на лепак и веќе 25 години живее на улица. Прашуваат за кондоми, но АРАС, откако во 2010 година заврши донацијата од Глобалниот фонд, повеќе не може да ги обезбедува.

Луѓето кажуваат дека не внимаваат повеќе на тоа дали ќе си ги позајмат иглите еден со друг, затоа што нема доволно игли. Некои ги собираат искористените игли и ги продаваат за да набават една стерилна, но не се сигурни дека навистина е стерилна. Некои игли се користат и по неколку пати, иако можеби претходно некој друг ги користел. Едното комбе со доктор и социјален работник 5-6 дена во неделата кружи низ Букурешт и со стерилни игли снабдува 5000-15000 корисници. Не е доволно.

Pages