Зошто жени и дроги?

Во Европа речиси една четвртина од луѓето кои развиле сериозни проблеми предизвикани од употребата на дроги се жени. Во просек, жените се јавуваат како една на секои тројца мажи кои влегуваат во третман, а еден од пет смртни случаи предизвикани од употреба на дроги се жени.

Родовата перспектива е важна во објаснување на секое прашање и на секој проблем, вклучувајќи ја и употребата на дроги. Мажите и жените се различни не само биолошки, туку женскоста и машкоста се одредени културно, историски и социјално. Темата на овој број на списанието „Дроги, политики и практики“ ќе се обиде токму тоа, да ја истакне важноста на родово специфичните пристапи во размислувањата за употребата на дрогите, зависноста и третманот со цел да се обиде да одговори на предизвиците на жените кои употребуваат дроги.

Мажите и жените употребуваат дроги од различни причини, мажите и жените можат да реагираат различно на употребата на дрогите, а употребата на дрогите да се манифестира различно кај нив. Причините за тоа се биолошките, од една страна, односно половите разлики и, од друга страна, социјалните и културните аспекти на употребата на дроги кои, меѓу другото, се и родово одредени. Во Европа речиси една четвртина од луѓето кои развиле сериозни проблеми предизвикани од употребата на дроги се жени. Во просек, жените се јавуваат како една на секои тројца мажи кои влегуваат во третман, а еден од пет смртни случаи предизвикани од употреба на дроги се жени. Додека во Европа се води родово разделена статистика, во Македонија недостасува статистичка анализа на употребата на дроги и смртноста од нив генерално, а со тоа и родово разделена статистика. Сувите статистички податоци заслужуваат квалитативен истражувачки пристап преку откривање и интерпретација на женските приказни поврзани со употребата на дроги и третманот.

Европските истражувања покажуваат дека постојат неколку клучни теми на кои се фокусираат женските искуства во употребата на дроги, и тоа: сиромаштија и злоупотреба како карактеристика на животот на жените кои употребуваат дроги, проблеми со кои се соочуваат жените кои употребуваат дроги додека се трудат да ги исполнат општествено нормираните улоги на мајки, незгодите со кои се соочуваат овие жени во затвор, стигмата, политиките и практиките кои го отежнуваат пристапот на жените до третман на зависност од дроги. Една од ваквите студии е „Женските гласови: Искуствата и гледиштата на жените во Европа кои се соочуваат со проблемот на употреба на дроги“, издадена од Европскиот центар за мониторинг на дрогите и на зависностите од дроги, објавена во 2009 година.

Потребата од разбирање на причините за употреба на дроги кај жените, како и последиците од неа се врзуваат најчесто за напорите за креирање на најефективен модел за превенција, но и поддршка на жените кои употребуваат дроги. Особено е важно да се разбере и да се одговори на предизвиците кои се јавуваат при бременост и мајчинство кај жените кои употребуваат дроги. Искуствата на мајките кои употребуваат дроги се движат од стигма, осуда, па сѐ до страв од губење на детето наместо поддршка и помош во овој специфичен период. Според истата студија, „Женските гласови“, спомената понапред, секоја година во Европа постојат околу 30 000 бремени жени кои употребуваат дроги. Значителен дел од овие жени се уплашени да побараат помош и поддршка поради можни негативни предрасуди или морализаторски и стигматизирачки реакции во државните институции. Токму поради тоа е потребно да се отворат лесно достапни, специјализирани и анонимни сервиси за поддршка на бремени жени кои употребуваат дроги. Особено е важно да се има предвид дека бременоста и мајчинството можат да играат клучна улога во мотивацијата на жените да се соочат и да ги разрешат проблемите врзани со употребата на дроги. Овие сервиси мора да бидат достапни и за жените кои отслужуваат затворска казна во казнено-поправните домови. Покрај медицинската грижа за бремените жени, потребно е инвестирање во посебни услови (соодветни простории за посета на децата, поддршка од психолози и од социјални работници) во кои на затвореничките ќе им се овозможи квалитетно време со своите деца како еден од предусловите за успешен и за квалитетен треман на зависноста.

Конечно, постои уште една, засега недоволно истражена специфика во употребата на дроги кај жените. Жените споредено со мажите во помал процент употребуваат различни видови дроги (канабис, кокаин, екстази итн.), освен кога станува збор за употреба на седативи. Седативите се единствената дрога која ја употребуваат повеќе жените отколку мажите. Во Македонија сѐ уште нема истражување на популацијата која употребува седативи со фокус на разбирање на причините и на ефектите од нив, иако анализата на Фондот на здравствено осигурување покажува алармантно зголемување на употребата на седативи кое стигнува речиси до секој втор Македонец. Македонското општество покажува и една култура на толерирање, па дури и нормирање на употребата на седативи. Ние сме веројатно единствена земја во која седативите се нарекуваат со деминутив: лексилиумче, дијазепамче и се составен дел од домашната аптека во голем број семејства. Оттука старосната граница на жените кои редовно употребуваат седативи треба да се истражи бидејќи голема е веројатноста да е сериозно широка и да вклучува жени од различни возрасти почнувајќи од млади, па сѐ до средовечни или возрасни жени.

Разбирањето на родовите специфики на употребата на дроги е првиот чекор кој треба да се преземе од страна на носачите на одлуки со цел креирање ефективни одговори на проблематичната употреба на дроги кај жените. Влогот во истражувања и во анализи е исклучително исплатлив. Пропуштањето да се уважат разликите и да се чуе женскиот глас во разбирањето на феноменот на употреба на дроги води кон креирање на навидум универзални одговори на овој проблем, кои се моделирани и креирани имајќи ги предвид единствено мажите. Да ги слушнеме жените, нивните предизвици и проблеми за да можеме сите заедно да одговориме на нив на најсоодветен начин.

Ирена Цветковиќ

Ирена Цветковиќ е магистер по родови студии. Моментално работи на својата докторска теза од областа на родовите студии. Како млад истражувач работела на многу истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиуми. Беше авторка на општествено ангажираниот блог Фемгерила, а потоа и колумнистка во дневниот весник Дневник. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се бави со активизам за правата на ЛГБТ лицата, корисниците/чките на дроги и сексуалните работници/чки. Активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов е извршна директорка во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје
 

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Додека останатите броеви ги имате во Магазин "Дроги - Политики и практики".