Жена може да користи дроги и да успее во животот – да биде мајка, да оди на работа

Е. е жена со долгогодишно искуство на употреба на разновидни дроги, но зависна само од опијати. Веќе подолго време не употребува дроги и прима супституциска терапија со метадон. Во меѓувреме работи и самостојно се грижи за своето неколкугодишно дете. Забележливо беше дека не ѝ беше лесно отворено да ги изрази своите чувства, особено во разговор со маж, но сепак се согласи да разговараме радосна што има можност да ги сподели своите искуства како жена која има искуство со употреба на дроги. Е. искрено се надева дека нејзиното сведоштво ќе помогне да се привлече вниманието на надлежните институции за да им се овозможи поголема помош на девојките и на жените кои употребуваат дроги. А според нејзините искуства, но и според нејзините сознанија за искуствата на други девојки и жени, навистина има потреба од воведување специфични родово ориентирани услуги за девојките и за жените кои употребуваат дроги.

Можеш ли на кратко да ми го претставиш своето искуство со употреба на дроги? 



Па, почнав на тринаесет-четиринаесет години, во пубертет. Како тинејџерка, нели, малку ранлива на „peer pressure“ (притисок од врсниците), знаеш, околината ти врши притисок. На пример, другарките пушат „џоинт“ со дечковците и знаеш, кога имаш четиринаесет години сакаш да бидеш „кул“. Сакаш да те прифатат, така? И премногу си млад, не можеш да сфатиш некои работи. И така јас почнав со дроги. Почнав со марихуана, па тоа се претвори во идење на журки со МДМА, екстази, спидови, кокаин. Додека живеев во странство имаше многу кокаин. Едно време живеев во друга држава и таму важеше правилото „Прави што ќе правиш, но хероин никако немој да користиш“. Значи, „дувај трева“ или „кркни“ екстази и иди на журка, но хероинот е прљав. Имиџот што постоеше за хероин беше вознемирувачки. И јас познавав луѓе што користат хероин, но го имав тој став за нив, знаеш, дека се прљави. Ама тогаш доаѓа вториот степен кај што тие луѓе користат хероин во иста соба со тебе, знаеш. Одиш на „афтер парти“ и тука се пуши фолија и јас уште им зборував дека не треба да го прават тоа, да користат хероин. Ама потоа посакав да пробам. Ги гледав дека секоја ден како го прават тоа и си помислив дека мора да е убаво. Знаеш, она, дете како размислува? Тогаш имав околу шеснаесет. А бев многу против тоа, против хероин. Си викав дека се прљави „џанкери“ во прљави куќи. Знаеш, она, тотално негативна конотација. И пробав. И сфатив зошто сите зимаат. Дека чувството е надреално. За прв пат е многу убаво. И така влегов, не знаејќи дека постои нешто што се вика „криза“. Јас бев едуцирана за дроги, но никој не ти кажува што е тоа и дури и кога ќе слушнеш за „кризи“ не го сфаќаш тоа. И после, на седумнаесет, осумнаесет години јас веќе имав проблем. Значи, веќе бев навлечена на хероин. Кога завршив средно училиште веќе бев зависна од хероин.

Дали некој особено влијаел на тебе за да почнеш да употребуваш дроги?

Јас.

Каква беше улогата на мажите во твојата одлука да користиш дроги?

Па, секој пат кога почнував да користам нова дрога, еве на пример хероин, секогаш беше на другарка дечкото. Сега, не зборувам за една другарка. Обично тоа се случуваше со сите другарки. Значи, пристапот до дрогата секогаш беше преку мушко. Во тоа време, во девеесетите, во транзицијата, ако сакаш да дојдеш до дрога во девеесет посто случаи идеш преку муж. Повеќето дилери се машки. Тука се отвараат други аспекти. На пример, одиш да купиш дрога и он седи со другарите и ти си женско во просторија со шест мажи. Сега, може нема ништо да ти направат, но можам слободно да кажам дека доживуваш нервен слом додека се случува „дилот“ и само сакаш да искочиш. Страшно е. Не знаеш што може да ти се случи. Јас бев уште осумнаесет или деветнаесет години и од кај да знам, може ќе ми ја земат дрогата. Или ќе ме претепаат. Или ќе ме силуваат. Или, пак, пострашно, ќе ме киднапираат и ќе ме принудуваат да давам сексуални услуги. Вакви работи им се случувале на други жени.

Што значеа дрогите за тебе?

Па, јас почнав заради дружење и забава. Ама тоа значеше и идентитет. Знаеш, како ова сум јас. „Види ме мене. Јас се дрогирам. Ова ми е дел од идентитетот. Јас идам против стереотипот.“ Тоа е револт во пубертет и да, дел од идентитет. Револт кон општеството. Бидејќи општеството го прави стереотипот. И јас сакав да покажам дека сум контра тој стеротип, а ги имам сите особини на „џанкерка“, „наркоман“. Да, против тоа. Против системот. „Јас ќе правам што сакам“, со тој став.

Дали постои разлика меѓу машките и женските кои употребуваат дроги?

Па, не викам дека жената не може да трпи физички „кризи“, но жената има други опции. На пример, кога си веќе зависник, ти мораш да најдеш пари за да купиш дрога, мораш да се снајдеш. Жената, ако е толку очајна, знае дека може и на друг начин да добие пари или дрога. Многу жени што имаат проблем со зависност нема да го признаат тоа, но јас мислам дека на многу жени што имаат проблем со зависност барем им поминало низ глава да си го „продадат телото“ кај дилерот. Да отиде да му каже, „немам пари, но може да ти понудам нешто друго“. Машките ја немаат таа можност или многу ретко се погодува ситуација да бараат геј. Женските се многу поизложени на тоа. Поврзана е сексуалната работа со зависноста од дроги. И не само тоа. Жените се многу поранливи од мажите. На пример, кога оди на тие места да купи дрога мора да биде спремна на ситуација и жената е многу поранлива на тие ситуации каде што машко може да се истепа, да се избори, жената мора да трпи. И тоа е тоа. Им ја земаат дрогата, ги ограбуваат, има силувања, има случаи на понижување од задоволство. Има многу различни ситуации.

Има една случка кога жена била сама да купува дрога во понебезбедна населба. И ја киднапирале четворица. Ја пикнале во кола и ја однеле во шума. Сакале да ја силуваат. И што да прави она во таква ситуација? Ако се бори може да ја претепаат и да умре. Што да прави? Се согласила со тоа. Си мислела дека може да ја убијат после. Мислам дека ниедно машко никогаш не се нашло во таква ситуација. Си мислат, „оваа е наркоманка, нема да нè пријави во Полиција“. Тоа обично е мотиватор за злоупотреба на жените што се зависнички. Они мислат дека таа нема да ги пријави во Полиција бидејќи она е зависник. Така да многу лесна мета се зависничките. И сфаќам зошто размислуваат така бидејќи во Полиција зависникот не е третиран како секој граѓанин. Полицијците ќе прашуваат што барала таму. И тоа ќе биде уште една траума. Ем ќе мора да прераскаже што поминала. Она е образована и информирана личност и не била сигурна дека Полицијата има соодветен начин за обезбедување докази. И знаела дека ќе ѝ судат, во стил, дека сама си го барала. „Се дрогираш? Идеш на такви места? Што си барала таму?“ И што ќе добие она од тоа, освен повеќе стрес? Најважно ѝ било да се врати дома безбедна и да ја надмине траумата.

Дали жените што користат дроги имаат некакви механизми да се заштитат во вакви ситуации?

Женски дилер. Озбилно. Не се шегувам. Ако слушнеш за женски дилер се чувствуваш побезбедно кај нејзе. Знаеш, нема некој кај нејзе да те нападне. Ама ако идеш на такви места не знам како можеш да се одбраниш.
Друго, супер е ако имаш партнер „да ти го чува грбот“. Ама од друга страна изложена си на него и на неговото друштво.

Со какви други проблеми се соочуваат жените кои употребуваат дроги?

Како жена, може да забремени. И ако користи дрога тоа е веќе еден друг свет и Македонија не е спремна за таа ситуација. Мислам, институциите сè уште не знаат како да се справат со тоа. Како жена, сакам фамилија, нели, а зависник сум. А дискриминацијата има гаден ефект. Она те прави да се чувствуваш толку ужасно што тоа може да те бутне во сериозна депресија, во клиничка депресија. Таа дискриминација. „Кој те пуштил дете да направиш?“, гинекологот ќе ти го каже тоа, на пример. Ти викаат да го оставиш бебето пред манастир. Знаеш она, нема тука некој да седне до тебе, да ти ја фати раката и да ти објасни што да очекуваш. Одам бремена кај гинекологот и гледа Ф11 во книшката и нема информации за тебе, има многу лоши коментари, предлози каде да го оставиш детето. Не те прашува дали ќе го чуваш, дали ќе го родиш. Они само претпоставуваат. Жена е бремена девет месеци и девет месеци она е дискриминирана, секој ден.

Да не зборувам кога се пораѓав. Бидејќи идеш во болница и мораш да им кажеш дека си на метадонска терапија или не знам каква терапија, ама бидејќи си во болница мораш вистината да им ја кажеш, за не дај Боже. И тука има дискриминација, кога се пораѓаш. Не сакаат да те пипнат, на пример. Бебето го држат како да се породила џукела. Немаш право. Не те ставаат со другите мајки. Го изолираат и бебето, те изолираат и тебе. Те изолираат на друг спрат, сама во соба. Ти имаш постнатална депресија. Ама медицинските сестри се со здравите мајки, со тебе не. Во таква психичка состојба е многу тешко да се справиш..., поготово со тие хормони. И плус што луѓето очекуваат од тебе, очекуваат да имаш фамилија. Ти веќе имаш некој стрес и оваа дискриминација што секој ќе ти ја покаже во болницата, од администрација, до сестрата, до тој што ќе те породи, до секој. Ти имаш проблем и многу е тешко. Многу тешко!

Секоја другарка што има дете и е зависна од метадон, сите го имавме сличното искуство. И не во истите болници, значи, различни болници, но истото искуство. Баш со една другарка зборувавме и неа ѝ спомнале да го остави детето пред врата на некој манастир и да избега. Една сестра ми вика, „Најдобро за детето, за да има бољи живот...“, а она мене не ме познава, не знае дека јас работам, она само си претпоставува. „Море, остај го“, вика, „на скалите на манастир, боље е за детето. Некоја убава фамилија ќе го посвои.“ Значи одма ми кажува дека јас и мојот маж не сме убава фамилија.

Кога се породив не добив никаква поддршка. А мојата ситуација беше, нели, специфична. И јас очекував можеби малку екстра внимание. Очекував дека ќе има некакво..., но не, „еве ти го бебето, еве ти го картонот, ајде чао!“. Тешко е за секоја нова мајка, но зависник мајка... Јас имам среќа што имам луѓе околу мене што ми помогнаа многу, пријатели, роднини. Имав поддршка. Имав како мрежа на поддршка, каде што ме разбираа и ми оставија простор за емоции. И кога барав совет, го имав. Фала Богу, имав со кого да разговарам. Се обвинував себеси. И тука треба психичка помош, ама никој не ти нуди.

Често споменуваш зависност од опијати. Можеш ли да ми кажеш како функционира лекувањето на зависности од опијати за жените?
Исто функционира како за мажите, но јас мислам дека треба да има малку поразличен пристап за жената бидејќи жените се наоѓаат во различни ситуации од мажите. Има мајки, нови мајки. Има многу жени што се во депресија, што доаѓа со зависноста. И ти пружаат некаква помош, но не разликуваат. Има разлика меѓу маж и жена, за зависност. Има огромна разлика.

Според тебе дали жените кои употребуваат дроги имаат потреба за поразлични социјални и здравствени услуги од мажите кои употребуваат дроги? Каде било.

Мислам дека е добро да има поддршка од психолог или да има група... Знаеш, група на жени што го поминуваат истото, со професионалец да седнат и да разговараат за проблемите. Како „Наркотикс анонимус“, ама само за жени, бидејќи проблемите се специфични. Јас не верувам дека мажите можат да зборуваат како биле силувани. Не можат тоа да го кажат затоа што не им се случило. Мислам дека тие групни средби се многу важни. Многу недостасува таква некаква структура. Не смееш да се изолираш и да бидеш осамена кога си жена, мајка и зависник. Не смееш. Тоа сигурно ќе те бутне во депресија. Сакам да кажам дека тоа треба да биде институција, на некој начин.
Исто така, кога и партнерот е зависник и трпиш насилство од него, не можеш да одиш во социјална служба бидејќи се плашиш дека ќе ти ги земат децата затоа што се дрогираш. Јас имав таков случај и дури кога по трет пат ме повреди маж ми Полицијата постапи по пријавата. И ми се јавија од „социјално“, дека имало и дете во случката, ама таму кога отидов излезе дека треба само да ја потврдам изјавата дадена во Полиција. Социјалното има „склоништа“, „шелтер“, ама мора да си очаен за да те примат таму. И ми објасни некои закони..., фактички, треба да ме удри пак за они да дејствуваат. „Чекај малку, вие чекате следното тепање да дојде, веќе кога имало три, за да дејствувате? И што е тоа дејствување? У ствари кои сте вие и што праите?“ И ме пратија во ХОПС кај психологот и си викам, „Види ги, немаат свои луѓе!“. Не ми дадоа никаква заштита ни „социјално“ ни Полицијата.

Во ХОПС е добро да има женска група, за размена на информации. Мислам дека тоа е важно, да се споделуваат приказни, случки, инциденти. Ем психички помага и ем може ќе дознаеш нешто што не си го знаел до сега. Мене во ХОПС многу ми помогнаа. Ми извадија државјанство, ме однесоа во болница, во Семејниот центар кај што можев да разговарам за тоа што ми се случува. Ама мислам дека многу жени не знаат што нуди ХОПС. Зошто и јас бев изненадена кога ми покрија некои трошкови, на пример за електронската здравствена картичка. Не знаев дека ХОПС тоа го прави ако немаш можности. Не сакав да одам во „социјално“ ова. Не знаев како ќе ме гледаат таму. Ќе ме судат. Ќе ме дискриминираат. Може нема да ми го кажат тоа, ама во очите ќе им го видам, ќе го приметам. Знаев дека во ХОПС нема да ми судат, знаев дека ќе ме разберат.
Државата треба да овозможи поголем пристап до бесплатни психолошки и психијатриски услуги. Ова важи и за мажи и за жени, ама поготово за жени. Треба да има центри за тестирање за сексуално преносливи инфекции. И да биде специфично за жени бидејќи има жени што биле силувани или се занимаваат со сексуална работа.

Разговорот го водеше: Вања Димитриевски
 

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Додека останатите броеви ги имате во Магазин "Дроги - Политики и практики".