Објавен е осмиот број на списанието Дроги - Политики и практики


 Овој број е посветен на „Женскиот глас за ефикасни програми за жените кои употребуваат дроги“. 


Да, колку и да ви звучи чудно, и жените употребуваат дроги. А и во минатото употребувале дроги. Барем онолку наназад колку што можеме да се навратиме со денешниве истражувања. Само што морале повеќе да се кријат поради доминантните вредности кои биле, а и сè уште се потолерантни за мажите. И додека употребата на дроги со децении е горлива тема, дискусијата за жените кои употребуваат дроги почна срамежливо да се воведува во јавноста пред дваесетина години. Но, дури во последниве неколку години повеќе луѓе се охрабрија отворено и гласно да проговорат за потребите на жените кои употребуваат дроги. Зошто? Затоа што родовите аспекти се и биолошки и културолошки определени. Затоа што жените кои употребуваат дроги се среќаваат со поразлични предизвици отколку мажите кои употребуваат дроги. И поради тоа имаат и поразлични потреби. „Разбирањето на родовите специфики на употребата на дроги е првиот чекор кој треба да се преземе од страна на носачите на одлуки со цел креирање ефективни одговори на проблематичната употреба на дроги кај жените.“ Затоа овој број на „Дроги – Политики и практики“ им го посветуваме на жените кои употребуваат дроги со надеж дека ќе придонесеме за воведување ефикасни политики и програми за нивна поддршка. 

Од Уредништвото

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.