Младинска платформа и трибина за сеопфатно сексуално образование во училиштата

Недостатокот на адекватни информации поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје и права (СРЗП) во образовниот систем во Македонија поттикна 9 организации кои меѓу другото, се занимаваат и со младински прашања да формираат Младинска платофрма за сеопфатно сексуално образование (ССО). Зад платформата стојат Х.Е.Р.А.- Асоцијација за Здравствена едукација и истражување, ХОПС, ЏЕФ Македонија, Младински образовен форум (МОФ), ИЗЛЕЗ, Сенки и облаци, Младите можат,  Младинска мрежа Y-PEER и Националниот младински совет на Македонија. Обединети зад единствената цел, во рамки на образованиот систем во Македонија младите да можат да добијат релевантни информации и вештини и да развијат позитивни ставови за зачувување и унапредвање на  за сексуално и репродуктивно здравје и права, кои се адекватни за возраста и се базирани на научни  факти, човекови права, еднаквост и толеранција. Организациите кои членуваат во Младинската платформа ќе работат на мобилизирање на политичка, институционална и јавна поддршка за воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата.

Помеѓу првите активности на Младинската платформа беше прес конференција оддржана на 15.10.2015 во ЕУ инфо центарот во Скопје, преку која јавноста беше информирана за формирањето на платформата и нејзините цели, а беа сублимирани и дел од достапните податоци за состојбата на здравјето, однесувањето и навиките на младите во Македонија кои укажуваат на потребата за унапредување на информираноста во областа на сексуално и репродуктивно здравје и пава. Оваа прилика беше искористена и да се поканат надлежните институции, пред се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, на отворена дебата во насока на изнаоѓање на најсоодветни решенија преку кои ќе се намали бројот на ученици кои, од година во година, го завршуваат образованиот процес без соодветни знаења и вештини за СРЗП.

Истиот ден се одржа и трибина за „Квалитетнo образование за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата“ на која зборуваа Д-р. Лина Ќостарова Унковска  од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“,  Д-р. Милена Стевановиќ од Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби- Скопје,  Проф. Елвира Мустафа од СГГУГС „Здравко Цветковски“ и Велимир Савески од Младинската платформа за ССО. Под модераторство на Огнен Јанески  од ТВ 24 Вести, а во присуство на 50-тина психолози, педагози, професори, родители и средношколци, говорниците дискутираа околу потребата за  обезбедување на широка достапност на информации и вештини неопходни за зачувување и унапредување на СРЗП меѓу младите во Македонија, успешните системски решенија кои постојат во други земји, како и можните модели за спроведување на ССО во македонските училишта.

Целата трибина може да ја проследите на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=ce3uintvhKw