Истакнати личности: Артур Хефтер, Алберт Хофман, Александар Шулгин, Теренс Меккена

Артур Хефтер (15.6.1859 – 8.2.1925)
 
Артур Карл Вилхелм Хефтер е германски фармаколог и професор. Роден е во Лајпциг, каде што студира хемија. Магистрира и докторира во областа на фармакологијата во 1980 година по што постигнува значајни резултати во неговата работа со алкалоиди добиени од кактусот пејотл.

Артур Хефтер е познат како хемичарот кој го изолирал мескалинот од кактусот пејотл во 1897 година, првата изолација од овој тип психоделична супстанција во чиста форма што може да се најде во природата во тоа време. Исто така експериментира со неговото дејство со тоа што ги споредувал дејствата на пејотлот и на мескалинот врз себеси. Прв се здобива со титулата психонаут поради подготвеноста да ги тестира врз себеси хемиските соединенија што ги изолирал.

Хефтер е прв претседател на Германската асоцијација на фармаколози и има голема улога во издавањето на првиот Водич по експериментална фармакологија.

Хефтер исто така бил професор по Медицинска хемија и фармакологија на Универзитетот во Лајпциг и на Универзитетот во Берн. Во 1993 година е основан Институтот за истражување Хефтер во САД во чест на д-р Артур Хефтер.
        
https://en.wikipedia.org/wiki/Arthur_Heffter
https://erowid.org/culture/characters/heffter_arthur/


 Алберт Хофман (11.1.1906 – 29.4.2008)
 
Алберт Хофман е швајцарски хемичар, научник и истражувач најмногу познат по тоа што прв го синтетизира, го консумира и го открива психоделичното дејство на лизергинската диетиламидна киселина (ЛСД). Хофман исто така прв ги изолирал, ги синтетизирал и ги именувал основните психоделични состојки на печурката, псилоцибин и псилоцин. Автор е на повеќе од 100 научни текстови и бројни книги.

Алберт Хофман е роден во Баден, Швајцарија, во 1906 година. Дипломира на Универзитетот во Цирих на Катедрата за хемија во 1929 година по што работи во Фармацевтската компанија Сандос во Базел, Швајцарија. Хофман ги истражувал Claviceps purpurea (ергот), ерготните алкалоиди и дериватите на лизергинската киселина за конечно првично да синтетизира ЛСД-25 во 1938 година. По извршените минимални тестови, ЛСД-25 е заборавена за четири години подоцна, во 1943 година, повторно да ја синтетизира. Случајно зема мало количество, но по неколку дена повторно зема 250 мкг ЛСД со цел да го потврди психоделичното дејство.

Хофман продолжува да работи во компанијата Сандос до 1971 година кога се пензионира. Швајцарскиот Федерален технолошки институт му ја доделил почесната титула доктор на науки, а Шведската фармацевтска асоцијација наградата „Шил“.

Работи, предава и понатаму има водечка улога во психоделичната заедница сѐ до неговата смрт кога починал на 102 години. Во интервју пред неговиот 100-ти роденден, Хофман за ЛСД вели дека е „лек за душа“ и искажува фрустрација поради нејзината забрана во светот.

„Во текот на 10 години успешно се употребуваше во психоанализата“, изјавува, додавајќи дека контра културата во 60-тите години на 20 век ја злоупотребила ЛСД поради што е неправедно критикувана од страна на политичкиот естаблишмент. Предупредил дека ЛСД може да предизвика штетни последици доколку се употребува погрешно.
 
https://erowid.org/culture/characters/hofmann_albert/
https://en.wikipedia.org/wiki/Albert_Hofmann
 
Александар Шулгин (17.6.1925 – 2.6.2014)
 
Александар Теодор „Саша“ Шулгин е американски хемичар, фармаколог, истражувач и автор. Заслужен е за употребата на МДМА (екстази) при крајот на 70-тите години на 20 век во фармакологијата, како и за откритието, синтезата и личното биотестирање (себетестирање) на над 230 психоактивни состојки во кои ги истражувал нивните психоделични и ентактогени својства.

Служи морнарица по што се здобива со докторат по биохемија на Универзитетот Беркли во 1954 година. При крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на 20 век запишува постдокторат во областа на психијатријата и фармакологијата на Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско и работи како хемиски истражувач во компанијата Дау кемикал.

Во 1966 година почнува да работи како независен консултант. Шулигин се здобива со лиценца од Агенцијата за сузбивање на дроги (DEA Schedule I license) за аналитичка лабораторија, односно добива дозвола да синтетизира и да поседува нелегални дроги. Гради лична лабораторија за хемиска синтеза со што се стекнува со можноста да синтетизира, да истражува и да го тестира дејството на потенцијалните психоактивни дроги чиј опис е сместен во пет книги и повеќе од стотина текстови.

     Иако самиот не ја измислил, Саша прв ја синтетизира супстанцијата МДМА во 1965 година. Сепак, тогаш не ја пробал. Во 1976 година, студент на Државниот универзитет во Сан Франциско му го опишува дејството на МДМА. Откритието дека соединението има полезни особини го споделил со Лево Зеф во 1977 година, психолог кој применува психоделични супстанции при терапија. Зеф го пренесува знаењето за МДМА на стотица терапевти и набргу информацијата се шири во терапевтската заедница, што подоцна има големо влијание во мејнстрим и рејв културата.
 
https://en.wikipedia.org/wiki/Alexander_Shulgin
https://erowid.org/culture/characters/shulgin_alexander/

Теренс Меккена (16.11.1946 – 3.4.2000)
 
Теренс Кемп Меккена е американски етноботаничар, предавач, автор, психонаут и застапник за одговорна употреба на психоделичните растенија од природата.

 Во 1975 година, Теренс се стекнува со диплома по екологија, конзервација на природните ресурси и шаманизам од Универзитетот Беркли. На почетокот на 80-тите години на 20 век, Меккена јавно проговорува за психоделичните дроги со што станува еден од пионерите на психоделичното движење. Се фокусира на растителни психоделични супстанции како што се псилоцибински печурки, ајахуска, канабис и растителниот дериват ДМТ.

Теренс ја кооснова непрофитната организација Ботанички димензии заедно со сопругата Кетлин Харисон-Меккена со цел да собираат и да одгледуваат медицински и шамански растенија од целиот свет.

Говорел и пишувал на разни теми, меѓу кои за: психоделични дроги, растителни ентеогени, шаманизам, метафизика, јазик, философија, култура, животна средина и теоретските зачетоци на човековата свест. Тој е еден од водечки ликови на „онтолошките основи на шаманизмот“ и „интелектуалниот глас на рејв културата“.

https://en.wikipedia.org/wiki/Terence_McKenna
https://erowid.org/culture/characters/mckenna_terence

Подготвува: Давор Смиланов

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.
Магазин "Дроги - Политики и практики"