Десетто издание на Дроги - Политики и практики

Го објавуваме десеттиот број на списанието Дроги - Политики и практики. Овој број го посветивме на „Дрогите во културата“.

Дрогите се составен дел од културата и вие навистина не мора да се согласите со тоа. Навистина е небитно дали ги прифаќате аргументите со кои и алкохолот, и кафето, и цигарите, па и седативите кои почесто или поретко ги пиете за да можете да се смирите и за да заспиете, се дроги. Тие се дроги и вашиот изговор дека не ве интересираат „филозофии“ и дека не сакате да се задлабочувате во аргументите при дискусиите кои сами сте ги иницирале нема да ве амнестира од одговорноста дека и вие самите учестувате во репродуцирањето и во развивањето на културата на употребнадроги. Да, точно е. Соучесници сте и имате одговорност. Не, не е точно декасте грешници и дека треба да ви се суди.

Вие, како и сите останати, само ги повторувате културните обрасци кои сте ги стекнале во опкружувањето во кое сте израснале. Добро, од средината на ХХ век тоа опкружување е многу поголемо кога ќе се земе предвид подемот на масовните медиуми како радиото, телевизијата и особено интернетот. И ако не ви се допаѓа што „младите сѐ повеќе се дрогираат“ и ако стравувате дека вашите деца „ќе станат наркомани“ и ако барате порепресивни мерки за луѓето кои употребуваат дроги – запрете. Запрете и запрашајте се за вашата улога во развојот на културата на употребата на дроги. Ние не ви судиме. Ние само ви нудиме поинаква перспектива од онаа што сте ја имале досега. И ве повикуваме.


Ве повикуваме да се потрудите да научите повеќе за дрогите и за тоа како тие учествуваат во обликувањето на човековата култура – да научите повеќе за себе. А вам кои сте веќе свесни дека дрогите се составен дел од човековата култура ви нудиме уште неколку аргументи кои можете да ги искористите при дискусиите со понеупатените.

 Да зборуваме отворено. Можеби тогаш навистина ќе можеме нешто да смениме. Можеби тогаш ќе се ослободиме од стравовите поврзани со дрогите. Можеби тоа ќе ни помогне да изградиме поздраво општество. Веруваме.

Од Уредништвото

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.